Студиите сугерираат дека сината светлина од мобилните телефони и компјутерските екрани може да предизвика напрегање на очите и оштетување на видот, но помалку е јасно како таа може да влијае на вашиот тен. Ако живеете со телефонот во рака, постои можност сината светлина да влијае на вашата кожа. Потребни се повеќе истражувања за да се утврди поврзаноста на сината светлина со оштетувањето на кожата.
За предвременото стареење и ракот на кожата во минатото, повеќето грижи потекнувале од штетните УВА и УВБ зраци што ги емитува сонцето. Но, во текот на изминатата деценија, научниците дознаа дека ова можеби не се единствените зраци на видлива светлина кои треба да не загрижуваат. Сината светлина – емитувана и од сонцето и од дигиталните уреди – може да предизвика хаос врз здравјето на вашата кожа.
Трендот на блокирање на сината светлина во негата на кожата и општата благосостојба се зголемува бидејќи сите ние сме повеќе изложени на сина светлина сега со употребата на паметни уреди.
Што е, сината светлина?
Сината светлина е дел од спектарот на видливата светлина (380 до 500 нанометри) што е содржан во сончевата светлина, но исто така се ослободува од внатрешното осветлување на електронските уреди, како компјутерските екрани и паметните телефони“
„Се смета дека навлегува подлабоко во кожата од УВ светлината, но за среќа не е поврзана со развојот на рак на кожата “
др. Џошуа Цајхнер, дерматологија Монт Синај Хоспитал, Њујорк
Поголемиот дел од сината светлина на која луѓето се изложени доаѓа од сонцето, според Американската академија за офталмологија. Количината на сина светлина што ја емитуваат уредите е „само мал дел“ од онаа што ја испушта сонцето, но проблемот е што ние постојано трошиме време на овие уреди и ги држиме блиску до нашите лице и глава.
„Трошењето повеќе време пред нашите уреди за време на карантин поради КОВИД-19 пандемијата го покрена прашањето дали нашите уреди придонесуваат за предвремено стареење на кожата“
„Вистината е дека нашите компјутери, таблети и телефони испуштаат само ниски нивоа на сина светлина. Меѓутоа, како што поминуваме се повеќе и повеќе време гледајќи ги нашите уреди, треба да ги земеме предвид ефектите од долгорочната изложеност на ниско ниво“
др. Џошуа Цајхнер, дерматологија Монт Синај Хоспитал, Њујорк

Дали сината светлина влијае на здравјето на луѓето?
Научниците знаат дека сината светлина, без разлика дали е од сонцето или уредите, може да предизвика замор на очите. Прегледот објавен во декември 2018 година во International Journal of Ophthalmology покажал дека на видливиот спектар, високо-енергетската сина светлина со бранова должина помеѓу 415 и 455 нанометри поминува низ рожницата и леќата до мрежницата. Во тој процес, може да предизвика болести како суво око, катаракта и макуларна дегенерација поврзана со возраста. Авторите на студијата напишале дека тоа може да влијае дури и на производството на хормони, создавајќи нерамнотежа што може негативно да влијае на квалитетот на сонот.
Што знаеме за сината светлина и здравјето на кожата?
За жал, недостигаат истражувања за ефектите на сината светлина врз кожата. Нo, некои прелиминарни студии може да ни дадат некакви насоки. Постои истражување во минатото кое сугерирало дека луѓето со потемна кожа кои биле изложени на видлива сина светлина имале повеќе оток, црвенило и промени во пигментот отколку луѓето со посветла кожа кои биле изложени на слични нивоа на УВА зраци. Тие знаат дека пенетрацијата на видливата сина светлина низ кожата може да предизвика реактивни видови кислород, што потоа може да доведе до оштетување на ДНК и распаѓање на нашите колагенски и еластински влакна.
Друга студија, објавена во февруари 2015 година во Oxidative Medicine and Cellular Longevity, открила поврзаност меѓу изложувањето на сина светлина и производството на слободни радикали во кожата, кои се поврзани со забрзаното стареење.
Како да препознаете дали сината светлина ја оштетила вашата кожа?
Промените на кожата како пигментација, оток, рано брчкање и црвенило може да бидат знаци на оштетување од сината светлина.

Но, д-р Кетлин Суоци, вели дека нема цврсти научни докази дека сината светлина ја оштетува кожата.
„Постои сомнеж дека сината светлина може да предизвика штетни ефекти врз кожата, особено пигментација и фотостареење; сепак, ова не е докажано“
др. Кејтлин Суоци, дерматологија Јеил Медицин, Њу Хејвен, Конектикат, УСА
Всушност, таа истакнува дека некои дерматолози користат сина светлина за лекување на одредени кожни заболувања, како што се акни, а нема извештаи дека овие третмани ја оштетуваат пигментацијата на кожата.
Како да ја заштитите вашата кожа од потенцијално оштетување од сината светлина?
Најдобриот начин да се спречи оштетувањето од сината светлина е да го намалите времето на екранот. Можете исто така да инвестирате во заштитник на екранот за вашата електроника, кој може да ја блокира или придуши сината светлина. Но поважно е да се обидете да го намалите изложувањето на осветленоста на екранот на телефонот или со носење слушалки за телефонот, на тој начин телефонот може да биде во вашиот џеб, а не директно на вашиот образ и лице. И ако веќе не нанесувате крема за сончање со најмалку SPF 30 на вашето лице секој ден, почнете веднаш. На пациентите им се препорачува нанесување на крема за сончање секогаш на дневна основа. Се нагласува важноста од физичките блокирачки креми за сончање, кои содржат цинк оксид или титаниум диоксид. Ова може да помогне во блокирањето на сината светлина, бидејќи хемиските креми за сончање кои можат да ги блокираат УВА и УВБ зраците не ги блокираат видливите или сините светлосни зраци.

Во моментов, цинк оксидот и титаниум диоксидот (двете вообичаени состојки во минералните креми за сончање) се единствените две активни состојки кои се општо признати како безбедни и ефективни од страна на американската Агенција за храна и лекови (FDA) кога се користат во креми за сончање. Што се однесува до производите за нега на кожа кои се продаваат како заштита од сина светлина, поради недостаток на истражување сè уште во целост не е докажана нивната ефикасност. Сепак, овој недостаток на истражување не ги спречува компаниите да произведуваат производи за нега на кожа за оваа намена. Повеќето производи за нега на кожа кои тврдат дека ја блокираат сината светлина всушност содржат антиоксиданси кои се спротивставуваат на негативните ефекти на слободните радикали.
Антиоксидансите се гаранција за ефикасноста на заштитниот фактор, за да ја неутрализирате штетата од слободните радикали на кои сте изложени и покрај вашите најдобри напори да се заштитите со крема за сончање. Плус, тие имаат свои независни придобивки во регенерирањето на кожата.
Можете ли да го вратите оштетувањето на кожата од сина светлина?
Бидејќи сината светлина предизвикува реактивните видови кислород да го разградуваат колагенот, се препорачува производите за нега на кожа да бидат збогатени со антиоксиданси како витамин Ц (аскорбинска киселина). Вообичаено витамин Ц е составна компонента во серумите наменети во борбата против оксидативниот стрес што го предизвикува оваа видлива светлина. Минатите истражувања покажале дека витаминот Ц може да помогне и да го спречи фотостареењето и да ја третира хиперпигментацијата, додека една студија покажала дека железо оксид може да помогне во намалувањето на чувствителноста на сината светлина
Во моментов, нема доволно убедливи истражувања, за да се утврди колку сината светлина од мобилните телефони и електронските гаџети е штетна за кожата. Сепак научниците укажуваат на тоа дека позната причина за загриженост останува светлина од сонцето. Количината на енергија што се емитува од технолошките извори е минимална во споредба со зрачењето од сончевиот спектар и нивниот ефект врз кожата е веројатно минимален.