Промена на микрофлората при употреба на антибиотици

Употреба на антибиотици

Бактериските инфекции се секојдневна појава на човекот со оглед на тоа што нив ги среќаваме насекаде околу нас. Најголемиот број од нив не се опасни по нашиот организам, со оглед на тоа што неспецифичниот имунитет кај човекот се справува со нив и не дозволува да навлезат во нашиот организам и да предизвикаат болест.

Доколку успеат да навлезат на разни начини, тогаш се вклучува човечкиот специфичен имунитет (раз. видови на бели крвни зрнца) кој исто така во најголем број на случаеви не дозволува да се размножуваат бактериите и да предизвикаат болест на организмот.

Доколку сепак бактериите, многу често и разни вируси навлезат во човечкиот организам и предизвикаат болест, тогаш во најголема мера се вклучува лекување на инфекции со ординирање на антибиотици.

Антибиотиците можат да бидат од разни групи, но најчесто се во поново време се широкоспектарни што значи можат да уништат повеќе видови на бактерии.

За жал при нивна употреба покрај патогените бактерии страдаат и другите корисни бактерии што се дел од нормалната бактериска флора на цревата. Овие бактерии учествуваат во варењето на храната, а по новите сознанија и во имунолошкиот систем на организмот.

Поради оваа промена во бактериската флора на цревата се јавуваат несакани ефекти, кои што најчесто се манифестираат во вид на дијареа. Таа е пропратена со појава на мачнина, болки во стомакот, грчеви, а сето тоа и со слабост и малаксаност.

  • Се смета дека кај 5-40% од луѓето што примаат антибиотици се јавуваат овие тегоби кои што можат да се јават уште првите денови па се до два месеци после примање на антибиотикот.
  • Најчесто страдаат лица помали од 7 години и постари од 65 години,  особено при продолжена употреба на антибиотици.

Поради овие причини се повеќе се јавува потреба од употреба на пробиотици – односно бактериски соеви кои се дел од нормалната бактериска флора на цревата. Тие се бројат во милијарди и можат да бидат со еден или повеќе соеви на пробиотски култури.

Пробиотиците се даваат заедно со антибитикот, а се препораката е после 2 часа од примање на антибиотикот.

За целосен клинички успех неопходно е да се користи клинички докажани пробиотски култури, препорачани од лекар кој што има стекнато свое сопствено искуство во примената на антибиотик и пробиотик.

Д-р Гоце Бузалков – супспецијалист пулмолог