- Усната празнина е огледало на состојбата на организмот и како таква мораме да ја заштитиме со примена на здрави навики – редовна и правилна орална хигиена, конзумирање здрава храна и пијалоци, отстранување на лошите навики и редовна посета на стоматолог.
Еден од најчестите симптоми, кој многумина го игнорираат е крварењето на гингивата (непцата). Секое крварење на непцата при миење на забите и нивно чистење со конец значи дека непцата се воспалени. Крварењето е проследено со отоци, промена на бојата на непцата и лош здив од устата, а може да биде присутна и болка, ова укажува дека мора да се подобри оралната хигиена, но и дека е неопходен стоматолошки преглед. Ако ги игнорираме таквите симптоми и јасните предупредувачки знаци, ќе развиеме пародонтална болест, која се карактеризира со губење на потпорните забни структури, подвижност на забите, често гнојно воспаление и краен резултат со губење на забите.
Разни состојби и болести на организмот може да влијаат врз оралното здравје
Фактори кои влијаат на развојот на гингивитис и парадонтит, покрај лошата орална хигиена, се стресот, пушењето, недостаток на витамини, генетски фактори, присуството на меки и тврди наслаги на забите (забен камен), несоодветни пломби и протетски изработки (коронки, мостови). Исто така и поради хормоналните промени трудниците често имаат проблеми со воспалени непца, состојба која се нарекува труднички гингивит. Обично се јавува во вториот и третиот триместар од бременоста. Препораката кај бремените жени е да одржуваат високо ниво на орална хигиена и редовни посети на стоматолог со цел да се следи здравјето на забите.
За зачувување и подобрување на оралното здравје се препорачува:

-Редовна и правилна орална хигиена ( четкање на забите најмалку два пати на ден, наутро и навечер) со правилен избор на четка за заби и нејзина редовна замена.
-Пасти за заби- содржат честички за отстранување на наслаги, компоненти за зајакнување на глеѓта, компоненти за намалување на чувствителноста на забите. Денес се почесто се користат природни пасти за заби кои содржат помалку хемикалии, но обезбедуваат еднаков ефект во одржувањето на оралната хигиена.
– Плакнења за уста (антибактериски), забен конец, интердентални четки.
-Редовни посети на стоматолог- два пати годишно или по потреба и препорака од страна на вашиот стоматолог.