КОГА СЕ ПОЈАВУВААТ АЛЕРГИИ?

Untitled design (2)

Алергиите се во пораст последните неколку години, а најизложени на нив се најмалите. Се појавуваат најмногу во пролет кога мирисот на расцветаните дрвја, прошетките во природа и веселите детски игри се вистинско уживање и за децата и за родителите.

Алергиите се јавуваат кога имунолошкиот систем реагира на супстанции од околината, како што се полен, влакна од животни, убод од инсекти некои видови на храна, лекови, домашна прашина… Надворешните супстанции кои можат да предизвикаат алергиски одговор, се нарекуваат алергени.

При доаѓање во контакт со вакви алергени, имунолошкиот систем произведува заштитни молекули наречени антитела (имуноглобулин Е). Овие антитела предизвикуваат одредени клетки да лачат разни хемикалии (вклучително и хистамин) кои, кога влегуваат во крвотокот, достигнуваат до различни органи и предизвикуваат одредени симптоми.

Алергиите предизвикуваат промени во кожата, респираторниот тракт и дигестивниот систем. Јачината  на алергии кај секој човек е различна и варира од блага иритација до анафилакса. Алергиите не можат целосно да се излечат, но превентивните мерки може да ја спречат појавата на симптоми.

Најчестите причинители на алергии се:

  • Алергени во воздухот како што се полен, животинско влакно, домашна прашина
  • Одредени намирници: кикиритки, пченица, соја, јајца, риба, млеко …
  • Убод од инсекти како на пример од оси и пчели
  • Лекови, посебно пеницилин и антибиотици базирани на пеницилин
  • Латекс и други супстанции кои предизвикуваат алергиски реакции на кожата.

Како се утврдува присуството на алергии?

За да се утврди дали се работи за алергија, потребно е лекарот да ве прегледа и детално да му одговорите на прашањата за знаците, симптомите, како и можните причини. По прегледот лекарот ќе ве упати на алерголошки тестирања кои  се користат во дијагностицирање на некои алергиски заболувања со цел откривање на преосетливост на поедини алергени. Постојат повеќе видови алергиски тестови од кои во детската возраст се користат прик (prick) кожни тестови со кои се докажува раната реакција на преосетливост, при што на кожата се нанесува одреден алерген и на тоа место со помош на специјална ланцета се прави благ површен убод, а потоа се следи реакцијата.

Друг начин е тест со земање крв  и мерење на одговорот на имунолошкиот систем на одредени алергени. Примерокот од крв се испраќа во лабораторија каде се утврдува чувствителноста на одредени алергени.