Тинитус е заболување кога се слушаат звуци во едното или во двете уши. Звуците кои се слушаат при тинитус, не се предизвикани од надворешен звук и најчесто останатите луѓе околу нас не ги слушаат. Тинитус е чест проблем, обично се јавува кај 15 % – 20 % од популацијата, а особено е честа појава кај повозрасни пациенти.
Тинитус се јавува како последица на различни причини, како што се ослабување на слушањето заради возраст, повреда или воспаление на увото, циркулаторни проблеми. За многу луѓе тинитусот може да се подобр идоколку се третира причината за појавата на истиот.

Симптоми
Тинитусот најчесто е опишан како зуење во ушите, иако нема објективно присутен извор на надворешен звук. Звукот кој го слушаме при тинитус може да биде со различна фреквенција и со различна длабочина. Но најчесто слушањето на звукот е субјективно, односно само ние можеме да го слушнеме звукот. Висината на звукот може да варира од ниски длабоки звуци, до високи пискави тонови, а може да се слушаат со едното или со двете уши. Кај некои пациенти звуците можат да бидат толку гласни, што прават проблеми во концетрацијата или при слушање на останатите звуци од околината, па може и да не доведат во опасни ситуации. Тинитусот може да биде присутен цело време од денот, а може да биде и со периодичен карактер, односно само во одредено време од денот да се слушаат звуците.
Понекогаш тинитусот може да биде со ритмичко пулсирање или шушкав звук, кој ја следи работата на срцевото пулсирање. Ова е пулсирачки тинитус, и при преглед Вашиот лекар може да ги слушне звуците. Освен овие ситуации, тинитус може да се јави и кај луѓе со висок крвен притисок или слаба циркулација. Без разлика колку време поминало откако сте го забележале зуењето во ушите, Ви препорачуваме да посетите лекар, да му го предочите сите симптоми и да го проверите вашето здравје !
Постојат неколку причини заради кои може да се појави тинитус.
Гласна музика
Подолготрајно слушање на многу гласна музика може да создаде проблем. Тинитусот кој може да се појави како последица на слушање на гласна музика е воглавно проблем со минлив карактер и очекувано е да пројде до 72 часа. Доколку природата на вашата работа е таква да сте изложени на бучава и гласни звуци (музички работници, градежни работници и сл.), тогаш препорачливо е да се користат чепчиња за уши за време на работниот процес.

Церумен (восок)
Церуменот (восокот) се создава природно во ушниотканал и ги обложува и заштитува ушите, а истотака има и антибактериски својства. Но, доколку се насобере поголема количина церумен воушниот канал може да предизвика ослабување или губење на слухот и појава на проблеми со тинитус. При појава на тинитус предизвикан од поголема количина на церумен, се препорачува процедура на отстранување на вишокот на церумен, со што слухот треба да се подобри, а тинитусот да исчезне.

Инфекција на уво
Настинка или инфекција во увото, без разлика дали е од вирусна, бактериска или габична природа, како воспалителен процес во синусите може да предизвика тинитус. Задолжително се препорачува преглед од страна на лекар, кој треба да ја утврди и дијагностицира инфекцијата, а потоа да препепише и соодветен режим на лекување. Со лекувањето на инфекцијата ќе го подобри слухот и ќе го отстрани иритирачкиот звук.

Употреба на лекови
Тинитусот може да се појави како последица на користење на одредени лекови, како што се на пример нестероидни антиинфламатрони лекови, антибиотици, диуретици и слично. Лекови кои се базирани на кинин исто така може да предизвикаат тинитус. Доколку по започнување на терапија со некој од овие лекови сте почувтсвувале појава на зуење во ушите, консултирајте се со вашиот лекар, посочете му ги појавените симптоми, тој најдобро ќе направи проценка дали да ја прекинете или да ја продолжите започнатата терапија.

Повреда на главата
Тинитус може да биде предизвикан и од повреда на главата или потрес на мозокот. Повредата на главата може да предизвика крварење позади тапанчето, кое крварење може да предизвика тинитус. За околу шест недели би требало крварењето да се стопира и тинитусот да исчезне. При потрес во мозокот, всушност може да биде повредено внатрешното уво, кое може да предизвика губење на слухот, вртоглавица или зуење во ушите. И внатрешното уво вообичаено спонтано закрепнува за одреден период од околу шест недели, но доколку вртоглавиците се чести, а зуењето е неподносливо, препорака е да се консултирате со Вашиот лекар, за да направите подетални испитувања.

Тинитус може да биде долготрајна, иритирачка и измачувачка состојба, која значително може да влијае и на квалитетот на Вашето живеење. Задолжително консултирајте се со Вашиот лекар, предочете му ги сите симптоми и придржувајте се кон препорачаната терапија и режим на лекување, за да успеете да го излекувате тинитусот, да го отстраните причинителот и да продолжите нормално и функционално да уживате во секојдневието.