Burnout синдром е сложена состојба, која се карактеризира со збир на лоши чувства, мисли и реакции на организмот предизвикани од продолжена изложеност на стрес на работното место. На македонски буквалниот превод би бил „синдром на прегореност од работа“, а под работа се подразбира било која активност со која се занимаваме, а која ни обезбедува средства за живеење. Кај синдромот на прегореност важи правилото „подобро да се спречи отколку да се лечи“, па затоа пресудно е оваа појава да се препознае на време и да се спречи нејзиниот развој.
Интересен факт е тоа дека овој синдром не ги погодува само оние кои имаат по напорна или помалку платена работа, туку многу почесто се јавува кај оние кои се на високи, добро платени менаџерски позиции, но се постојано изложени на константен стрес и притисок.
Синдромот на прегорување се јавува во неколку фази.
Најпрво се појавува воодушевување со работата и огромна мотивација да се успее со добра посветеност, често дури и без одмор. Ако резултатите и признанието не носат степен на задоволство или ако наградата не е согласно очекувањата почнува стагнација, повлекување, емоционални проблеми и недоверба, физичка болест предизвикана од стрес и на крај апатија, со губење на интерес за работата, но и за други важни работи во животот.
Како да си помогнете и да го спречите „burnout“ синдромот, особено кога се изгледа како еден круг од кој нема излез?

Предупредувања за „burnout“ синдром
Најпрво треба да се обрне внимание на предупредувањата и знаци кои се појавуваат, а се невообичаени за Вашето секојдневно однесување. Сите тие може да бидат како последица на други болести и состојби, но битно е да не се занемаруваат и да обрнете внимание на јасните показатели:
- Проблеми со здравјето – болка во грбот, дебелеење, чести настинки, проблеми со срцето и крвните садови, замор па дури и после добар сон.
- Лоша меморија и помнење, двоумење при носењето на одлуки или носење на погрешни одлуки, заборавање на важни информации, недостаток на внимание и концентрација, како и контрола на емоциите на работа.
- Нарушени односи со колегите, конфликти околу небитни работи, повлекување, пренесување на стресот на односите во фамилијата.
- Продолжување со работа во домашни услови, постојано размислување за обврските и работата за време на одморот, како и преокупираност со мисли за работа од будење до заспивање.
- Недостаток на мотивација, незадоволство од себе и од другите, од резултатите, страв дека ќе се погреши во работата, дека ќе се изгуби работата, страв од критика.
- Реални показатели дека работата ја вршите помалку успешно, по споро, со повеќе грешки.
- Остри критики кон колегите, циничност, фокусирање на грешки, општа негативност.
- Занемарување на фамилијата и зголемена потреба за грижа да другите, заменарување на сопственото здравје, изглед, норми, несоодветно однесувањето во општеството.

Спречете го „burnout“ синдромот
Обрнете внимание на следниве неколку совети, кои доколку почнете да ги практикувате можат да Ви помогнат да го спречите појавувањето на “burnout” синдромот.
- Исклучете се на одредено време секој ден. Не можете да бидете достапни 24 часа, седум дена во неделата. Не проверувајте меилови, не се јавувајте на телефон, определете време за пауза во комуникацијата и во тоа време посветете се само на себе.
- Обратете внимание на сигналите кои Ви ги испраќа телото. Болката е често последица од насобран стрес и вознемиреност.
- Определете точно време за активности кои Ве релаксираат и строго придржувајте се кон тоа.
- Избегнувајте употреба на лекови за смирување и алкохол кој би Ви помогнал полесно да заспиете. Тие на долг рок ја нарушуваат нормалната функција на сонот, но така само го одложувате проблемот, не го решавате.
- Организирајте се подобро, направете распоред, план и немојте да губите време на теми кои не се поврзани со работата. На секои час до час и пол работа, направете 15 минути пауза.
- Побарајте помош од колегите на работа или помош од пријателите или фамилијата околу домашните обврски. Прифатете ги другите луѓе, нивната подршка и нивната грижа за Вас.

Burnout синдромот не е никакво чудо. Се појавува затоа што вложувате повеќе отколку што добивате. Треба да се воспостави баланс на нарушената рамнотежа и се ќе биде во ред. Се случува работата да не е доволно стимулативна и проблемот да е реален, но најчесто причината е Вашата не грижа за себе. Промените кои се предложени не бараат многу напор, а можат да помогат да се чувствувате многу подобро, при вршењето на секојдневните обврски.