ПРОТИВ НЕА, Escherichia coli НЕМА РЕЧИСИ НИКАКВИ ШАНСИ!

брусница (1)

Брусницата со векови се користи во народната медицина за лекување на воспаленија на уринарниот тракт и е предмет на современи истражувања !

Брусницата е една од бобинките кои денес се сè попопуларни и во исхраната и во медицината. Од лисјата и плодовите се прават чаеви, од свежите боровници сок и разни прехранбени производи.

Разликуваме два вида од брусницата, едната е европска брусница (Vaccinum vitis-idaea),а другата е американска брусница (Vaccinum Macrocarpon – брусница).

Американската брусница е зимзелена грмушка, налегната на земја, со кожести листови со јајцевиден облик, долги до 20 мм, со цел раб, наизменично распоредени на гранчиња кои во основата се задрвенети. Цветовите се сраснати цветни венчиња со виолетова боја. Плодовите се тркалезни црвени бобинки, поголеми од листовите, со остаток од чашката на врвот. Бобинките се слатко-кисели, по вкус слични на киселите јаболка. Американската брусница расте на влажни места во северните држави на САД и на југот од Канада. Се употребува како лековито растение и овошје. Дури и домородците во Америка знаеле за лековитите својства на брусницата, кои ги користеле при воспаление на мочниот меур. Европската брусница (Vaccinium vitis-idaea) е ниска грмушка, многу слична е на американската брусница. Постојат само разлики во начинот на одгледување на растението, изгледот на растението и плодот.

Употреба и дејство

Брусницата е здрава нискокалорична храна, богата со растителни влакна, витамини и минерали, меѓу кои доминираат витамините Ц, А, Е и минералите како калциум, калиум, магнезиум и железо. Богата е со антиоксиданти, на што им должи силни лековити својства. Има антибактериски, антисептички, антиинфламаторни и диуретични ефекти. Ја спречува адхезијата на E. coli на епителните клетки на ѕидот на мочниот меур. Покрај E. coli, брусницата може да ја намали адхезијата на други патогени кои често се наоѓаат во уринарниот тракт. Се препорачува препаратите од брусница или додатоци на исхрана кои содржат брусница да се земаат со и после завршување на антибиотската терапија.

Неодамнешните студии ја поставуваат можноста за делување на брусница во дигестивниот тракт. Има влијание врз Helicobacter pylori, и како таков помага во третманот на чир на желудникот. Брусницата има ефект и во усната празнина, каде што го намалува ризикот од болести на забите и непцата. Го инхибира растот на бактериите во устата кои предизвикуваат наслаги. Брусницата исто така може да се користи и при грип бидејќи содржи голема количина на витамин Ц. Наоѓа примена и при зголемена простата, па затоа на мажите кои имаат таков проблем им се препорачува да конзумираат чај од брусница.

>> Може да се конзумира како свежо овошје, сува брусница, како сок, џем, мармалад, а исто така ја има и како додатоци во исхраната, а нејзината ефикасност се достигнува преку одбрана на организмот од микроорганизми како што е Escherichia coli <<

Конзумирањето брусница нема никакви несакани ефекти, меѓутоа поголеми количини од брусница не се препорачуваат за луѓе кои имаат предиспозиција за појавата на камења во уринарниот тракт.  Исто така доколку се користи во поголеми количини, може да предизвика дијареа, а потребна е и претпазливост кај бремени жени и доилки.