ВИСТИНСКИ ПРОЛЕТЕН НУТРИ ХИТ

ВИСТИНСКИ ПРОЛЕТЕН НУТРИ ХИТ (2)

Од шума, од двор, од пазар или од продавница, не ја пропуштајте кратката сезона на јаготките. Можеби нежни и фрагилни на прв поглед, но преполни со витамини и антиоксиданси… Дали се полезни колку што се вкусни? Секако!

Јагодите се исклучително богат извор на антиоксиданси. Тие како што созреваат и поцрвенуваат, содржината на антиоксидансите во плодот расте, а особено вредни за потенцирање се антоцијанините кои поседуваат антиинфламаторни (противвоспалетелни) карактеристики. Овие фитонутрициенси заедно со трепеноидите, фенолите и елагичната киселина, претставуваат одлична комбинација од антиоксиданси кои ги ловат слободните радикали во телото и го намалуваат нивото на Ц-реактивниот протеин (CRP) доколку се консумираат редовнo.

Во една доза јаготки, околу 150 грама, ќе добиете и повеќе од потребниот Ц витамин за претстојниот ден. Јаготките се познати по содржината на овој витамин, кој е важен за превенција на вирози и настинки, но и го подобрува имуниот систем. Најголема количина Ц витамин има во јагодите кои се свежно набрани, а после 2 дена неговата концентрација опаѓа. Тоа никако не значи дека јаготките не се погодни за јадење.

Јагодата има многу малку калории, околу 50 во една шолја, но исто така има и низок гликемичен индекс (GI41), па го одржуваат шеќерот во крвта на стабилно ниво. Според истражувањата, јагодите се погодни за луѓе кои боледуваат од дијабет Тип 2 токму поради овие карактеристики.

Сите погоре споменати елементи ги прават јагодите одличен сојузник на кардиоваскуларниот и ендокриниот систем, кои трпат најмногу од штета од оксидативните и инфламаторните процеси во телото. Јагодите ги превенираат и минимизираат токму тие процеси.

Јагодите се преслатки и во својата наједноставна форма, само измиени. Дополнително можете да ги искомбинирате со крем јогурт, како смути, во овошна или зеленчукова салата. Како и да е, со секоја јаготка вкусувате по малку пролет и спечалувате доза здравје.

На Здравје!