АСПАРАГУС НА ВАШАТА ПРОЛЕТНА ТРПЕЗА

Магија на здравјето, љубовта и плодноста


Магија на здравјето, љубовта и плодноста

Препознатливиот, горчлив вкус што аспарагусот го носи во нашата пролетна чинија, непогрешливо ги најавува долгоочекуваните топли пролетни денови. Се смета дека потекнува од источното крајбрежје на Средоземното Море и Мала Азија. Ботанички, ова тревнато, повеќегодишно растение припаѓа во фамилијата liliaceae, во родот А. officinalis. Овој зеленчук денес се одгледува во големи количини во Кина, Европа, Перу, Австралија и САД

Досега се идентификувани околу 300 видови на аспарагус, но само околу 20тина влегуваат во менито за јадење. Античките Грци и Римјани го сметале аспарагусот за ценет зеленчук. Тој е еден од најстарите познати зеленчуци и се вистински пролетен зеленчук, а најчесто се берат помеѓу март и мај, на некои места и до јули.

Состав на аспарагус

Аспарагусот е нискокалоричен 93% од составот е вода, а нивната најголема вредност е во богатството со витамини и минерали. Тие се најбогати со фолна киселина и витамини А, Ц и К. Редовното конзумирање на храна богата со овие витамини му помага на телото да развие отпорност на инфективни агенси и ги собира штетните, воспалителни, слободни радикали од телото.

Свежиот аспарагус е одличен извор на антиоксиданси, како што се: лутеин, заексантин, каротини и криптоксантини. Заедно, овие флавоноидни состојки помагаат во отстранувањето на штетните оксидирани слободни радикали од телото.

Овој зеленчук исто така е богат и со витамините од Б-комплекс, како што се: тиамин, ниацин, витамин Б6 (пиридоксин) и пантотенска киселина; кои се клучни за оптимални ензимските и метаболичките функции на клетките.

Влијание врз здравјето

Поради богатиот нутритивен состав тие се препорачани како составен дел од пролетното мени. Ефектот на детоксикација веројатно се должи на содржината на аминокиселината аспарагин, која ја стимулира синтезата на гликопротеини, кои се одговорни за правилната функција на имунолошкиот систем, а исто така е важен учесник во елиминацијата на токсичниот амонијак од телото.Минералите во аспарагусот, високиот калиум и нискиот натриум, заедно со аспарагин, односно активната амино киселина, го прави аспарагусот природен диуретик.

Содржи голема концетрација на фолна киселина и поради тоа се препорачува за жени во репродуктивен период, особено е важен за оние кои планираат бременост. Фолната киселина е неопходна за правилна поделба на нервните клетки на плодот. Недоволниот внес на фолна киселина пред зачнувањето и за време на бременоста го зголемува ризикот од оштетување на невралната туба на фетусот.

Долго време се сметаат за афродизијак поради нивната форма, но и поради високата концентрација на витамин Е, кој е важен во синтезата на половите хормони, за еден здрав сексуален живот. Еден билкар од 17 век напишал: „Аспарагусот ја поттикнува страста кај мажите и кај жените“.