Мускулните грчеви се непријатна, често многу болна ненадејна појава на спазам на еден или повеќе мускули. Спазам е ненадејна, кратка, неволна и обично болна контракција на мускул или група мускули.
Мускулните грчеви може да се поврзат со вежбање се јавуваат за време или после вежбањето. Речиси секој има грчеви во мускулите во одреден момент, но одредени состојби го зголемуваат ризикот и сериозноста на грчевите. Лица со најголем ризик за појава на грчеви во мускулите се спортистите, постари лица, лица со прекумерна тежина и со одредени медицински заболувања на тироидната жлезда или нервниот систем, бремени жени.
Како се манифестираат грчевите?
Повеќето мускулни грчеви се развиваат во мускулите на нозете, особено во долниот дел на нозете. Покрај ненадејната, остра болка, може да се почувствува или да се палпира тврдо мускулното ткиво под кожата.
Ризик фактори за појава на грчеви
- Дехидратација;
- Преголемо оптеретување (интензивно вежбање);
- Ниско ниво на електролити во крвта (како што се калиум, магнезиум или калциум) – поради: употреба на одредени лекови (диуретици), алкохол, одредени хормонални нарушувања, бременоста, недостаток на витамин Д или состојби кои предизвикуваат губење на течности;
- Нервно нарушување – компресија на нервите во ‘рбетот (лумбална стеноза), создава грч и болка во нозете;
- Дисфункција на тироидната жлезда (хипотироидизам).
Дијагноза
Првиот чекор е физички преглед, а потоа тестови за крв- проверка на ниво на калиум и калциум во крвта, како и функцијата на бубрезите и тироидната жлезда.
Електромиографија (EMG)- тест кој ја мери мускулната активност и се прави кога постои сомневање за нарушување на нервите и мускулите. Снимањето на ‘рбетниот мозок (MR) исто така може да биде индицирано доколки се појават симптоми кои можат да бидат знаци на нервно нарушување како што се слабост, болка или губење на сензација.
Третман
Мускулните грчеви обично поминуваат сами по себе, но доколку немаме таков случај, вежбите за истегнување можат да помогнат. Стегнатите мускули треба да се истегнат и лесно да се тријат за да се релаксираат. Алтернативно, масирањето на згрчениот мускул со мраз може да ја ублажи болката, но и добрата хидратација е неопходна. За повторливи грчеви кои го нарушуваат сонот, се препишуваат мускулни релаксанти.