ДАЛИ НЕПУШАЧИТЕ МОЖЕ ДА РАЗВИЈАТ ХОББ?

COPD - cover

Може да ја имате оваа состојба, па дури и да не знаете – Хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ).

Оваа болест погодува околу 24 милиони Американци, а проценето е дека во Македонија околу 100.000 пациенти имаат ХОББ. За ХОББ потребно е време за да се препознаат знаците и симптомите на оваа состојба, а раното откривање е најдобриот начин да се спречи губење на функцијата на белите дробови.

ХОББ не е болест сама по себе, туку е термин што се користи за опишување на прогресивни белодробни заболувања. Иако пушењето е без сомнение најчестиот фактор на ризик и причина за ХОББ, можно е да се развие оваа состојба без да се има историја на пушење. На пример, не секој што пуши ќе ја развие оваа состојба, но 90% од пациентите со ХОББ пушеле. Па што е со преостанатите 10 проценти?

Фактори на животната средина

Факторите на животната средина може да го зголемат ризикот од развој на ХОББ, особено ако живеете или работите во област со високо загадување, професионални прашини или хемикалии. Покрај тоа, пасивната изложеност на чад од цигари, исто така, го зголемува ризикот за развој на состојбата.

Генетски фактори

Исто така, постојат голем број на генетски фактори зад развивање ХОББ, кои кога се комбинираат со фактори на животната средина, може да го зголемат ризикот кај поединецот да ја развие оваа состојба. Недостатокот на алфа-1 антитрипсин (AATD) е најпознатиот генетски фактор на ризик за емфизем. Кога поединецот има дефицит на алфа-1 антитрипсин, му недостига тип на протеин кој се наоѓа во крвотокот. Без овој протеин, белите крвни зрнца почнуваат да им штетат на белите дробови и доаѓа до влошување. Сепак, не секој пациент со ХОББ без историја на пушење има дефицит на Алфа-1 антитрипсин. Поради оваа причина, научниците веруваат дека постојат други сè уште не идентификувани генетски фактори за ХОББ.

Рани знаци и симптоми

Раната дијагноза е еден од најефикасните начини за справување со ХОББ, но за жал голем број пациенти со ХОББ не ги препознаваат знаците на нивната болест. Ако вие или некој близок искусите некој од овие симптоми, важно е да разговарате со лекар кој може да предложи да направите тестови за да се утврди дали ХОББ е основната причина:

  • Долгорочна постојана кашлица
  • Зголемена слуз при кашлица
  • Скратен здив
  • Замор