Синдром на полицистични јајници или циста на јајниците – ја знаете ли разликата?

Untitled design (26)

Синдромот на полицистични јајници е најчестото хормонално нарушување кај жените и е збир на симптоми кои вклучуваат менструални нарушувања, јајници со бројни цисти, здебеленост и вишок на машки хормони (андрогени) кои можат да предизвикаат појава на акни, зголемен раст на влакна и губење на косата. Инциденцата се проценува на околу 10% и може да се појави на која било возраст, исто така е опишана како тивка болест бидејќи почетокот на симптомите е постепен и често се припишуваат на стресот (на пр. отсуство на менструација).

Најчести симптоми на полицистични јајници

Главна карактеристика на полицистичните јајници е хормоналниот дисбаланс, односно зголемено ниво на андрогени хормони. Андрогените хормони се претходници во производството на женски хормони. Поголемиот дел од нив се претвора во естроген, но кога рамнотежата е нарушена, се формира вишок на андрогени. Во последниве години, забележана е и поврзаноста помеѓу појавата на полицистични јајници и зголемени нивоа на инсулин во крвта како и резистенција на инсулин (нечувствителност на целните органи на инсулин). Панкреасот лачи инсулин кој е одговорен за регулирање на шеќерот во крвта. Зголемено ниво на шеќер во крвта се јавува кај жени кои имаат отпорност- резистенција на инсулин. Панкреасот произведува вишок на инсулин кој влијае на јајниците и го стимулира зголеменото производство на тестостерон.

  • Нарушувањето на менструалниот циклус се должи на отсуството на редовна месечна овулација. Се манифестира со неговата нередовност: кога интервалот помеѓу циклусите е поголем од 35 дена (олигоменореа) и отсуството на менструални циклуси (аменореа) повеќе од 200 дена.
  • Појавата на влакна на необични места (брадата, околу брадавиците, градите, стомакот), како и појава на акни, особено во подоцнежните години, укажуваат на синдром на полицистични јајници.

Третман на полицистични јајници

Дијагнозата се поставува со ултразвучен преглед на јајниците и утврдување на хормоналниот статус. Третманот е индивидуален и во зависисност од возраста на жената, пореметување на циклусот, нивото на инсулин и сл. Во лекувањето се користи антиандрогени (за акни, зголемена влакнетост), кломифен цитрат (за стимулирање на овулацијата) и метформин за диета и вежбање (за дебелина и отпорност на инсулин). Хируршкиот третман се помалку се користи поради неговата инвазивност. Синдромот на полицистични јајници не може да се излечи, но може да се држи под контрола.

Синдромот на полицистични јајници е сложена состојба која го зафаќа целото тело на жената и бара сеопфатен ендокринолошки, гинеколошки и дерматолошки третман со промени во животниот стил на пациентката.

За разлика од синдромот на полицистични јајници, кој е збир на симптоми на повеќе органски системи, цистите на јајниците се исклучиво како резултат од репродуктивниот систем.

Како се формираат цисти на јајниците?

Цистата на јајникот е меурче исполнето со течност или со полутечна содржина и се појавува на самите јајници. Тие се предизвикани од акумулација на течност во еден или двата јајници.

Постојат функционални и нефункционални цисти на јајниците. Функционалните цисти се поврзани со процесот на овулација. Тука се вбројуваат: фоликуларни (тие се јавуваат кога нема пукање на фоликулите за време на овулацијата), лутеални (по ослободување на јајце клетките за време на овулацијата) и хеморагични (пообилно крварење во шуплината на фоликулите). Нефункционалните цисти (чоколадни цисти, бенигни туморски цисти и инклузивни цисти) се формираат со пролиферација на клетките на јајниците и не се поврзани со овулаторниот циклус.

Цистите обично се откриваат при редовен гинеколошки преглед. Нема специфични симптоми, но можат да предизвикаат блага до силна болка (при пукање) и болка во текот на односи, менструални нарушувања, нарушувања на дебелото црево, често мокрење, неправилно или обилно крварење. Опасноста е во напрегање на цистата и извртување околу нејзиното стебленце. Ова предизвикува ненадејна и остра болка и бара итна операција.

Третман на циста на јајниците

Повеќето функционални цисти не бараат третман, туку само ултразвук и мониторинг на палпација бидејќи тие сами се повлекуваат. Доколку не се повлечат или се зголемат за време на следењето во рок од неколку месеци, се препорачува хируршки третман. Хормоналните апчиња понекогаш се користат во третманот за да се запре растот и појавата на цисти.

Во случај на нефункционални цисти, пристапот кон лекувањето е индивидуален и лекарот треба да избере соодветна терапија и да размисли за потребата од хируршки третман.

Цистите на јајниците се болест на репродуктивниот систем на жената која често не предизвикува никакви непријатности и во повеќето случаи не бара третман. Доколку е потребен третман, тој е претежно хируршки.