САЛМОНЕЛОЗА

САЛМОНЕЛОЗА!

Инфекцијата со салмонела (салмонелоза) е честа бактериска болест која влијае на цревниот тракт. Бактериите на салмонела обично живеат во цревата на животните и луѓето и се излачуваат преку столицата (измет). Луѓето се инфицираат најчесто преку контаминирана вода или храна. Некои луѓе со инфекција со салмонела немаат симптоми, додека повеќето развиваат дијареа, треска и стомачни (абдоминални) грчеви во рок од 8 до 72 часа по изложувањето. Повеќето здрави луѓе закрепнуваат во рок од неколку дена до една недела без специфичен третман. Во некои случаи, дијареата може да предизвика тешка дехидрација и бара брза медицинска помош. Може да се развијат и опасни по живот компликации ако инфекцијата се прошири надвор од цревата. Ризикот од заразување со салмонела е поголем со патување во земји без чиста вода за пиење и соодветно отстранување на отпадните води.

СИМПТОМИ

Инфекцијата со салмонела обично е предизвикана од јадење сурово или недоволно варено месо, живина и јајца или производи од јајца или со пиење непастеризирано млеко. Периодот на инкубација – времето помеѓу изложеноста и болеста – може да биде од 6 часа до 6 дена. Често, луѓето кои имаат инфекција со салмонела мислат дека имаат стомачен грип.

Можни знаци и симптоми на инфекција со салмонела вклучуваат:

  • Дијареа
  • Стомачни (абдоминални) грчеви
  • Треска
  • Гадење
  • Повраќање
  • Главоболка
  • Крв во столицата

Знаците и симптомите на инфекција со салмонела обично траат од неколку дена до една недела. Дијареата може да трае до 10 дена, но може да поминат неколку месеци пред цревата да се вратат на вообичаеното функционирање.

ДИЈАГНОЗА

Инфекцијата со салмонела обично се дијагностицира врз основа на знаци и симптоми. Инфекцијата со салмонела може да се открие со тестирање на примерок од столицата. Сепак, повеќето луѓе се опоравиле од симптомите до моментот кога ќе ги добијат резултатите од тестирањето. Ако постои сомнеж дека имате инфекција со салмонела во крвта, можеби ќе биде потребно тестирање на примерок од вашата крв за утврдување на присуство на бактериите.

Salmonella Sp.

ТРЕТМАН

Покрај тоа што ве советува да пиете многу течности, вашиот лекар може да препорача:

Антидијароици.

Лековите кои се употребуваат за спречување на дијареа (лоперамид, нифуроксазид, смекта и сл.) можат да помогнат во олеснување на симптомите од дијареа. Но, вредно е да се напомене дека во одредени ситуации овие лекови може да ја продолжат дијареата поврзана со инфекција со салмонела.
Антибиотици.

Лекарот може да ви препише антибиотици за третман на инфекцијата. Тие обично се даваат ако вашиот лекар се сомнева дека бактериите на салмонела влегле во вашиот крвоток, вашата инфекција е тешка или имате ослабен имунолошки систем.

Пробиотици.

Со редовна употреба на пробиотици се помаѓа брзо да се воспостави баланс на нормалната цревна флора и да се воспостави нормалната функција на цревата.

САМОМЕДИКАЦИЈА

Дури и ако не ви е потребна медицинска помош за вашата инфекција со салмонела, треба да внимавате да не дехидрирате, состојба која е често придружна на дијареа и повраќање.

Повеќето возрасни лица со блага до умерена дехидрација од дијареа, повраќање или треска може да ја подобрат нивната состојба со пиење повеќе вода или други течности. Дијареата може да се влоши со овошни сокови и безалкохолни пијалоци. За доенчиња и деца кои дехидрирале поради дијареа, повраќање или треска, користете орални раствори за рехидратација. Овие раствори содржат вода и соли во соодветни пропорции за да ги надополнат и течностите и електролитите.