Покрај сите благодати што ги носи летото треба да знаеме дека топлото време може да предизвика и сериозни последици врз нашето здравје и да доведе до состојба како што е сончаница. Изложеноста на високи температури предизвикува топлотни грчеви, топлотна исцрпеност, сончев удар и топлотен удар. Топлотната исцрпеност и топлинските грчеви се поблаги, релативно чести состојби кои лесно може да се препознаат и лекуваат.
Кога надворешната температура е висока доаѓа до потење кое пак има функција да го лади телото. Меѓутоа, течностите и електролитите се губат од телото, а поради зголемено потење може да настанат топлински грчеви и топлотна исцрпеност. Иако се непријатни, овие појави обично не бараат лекарска помош. Тие се манифестираат со грчеви во мускулите, гадење, нагон за повраќање, чувство на слабост, раздразливост, забрзан пулс, забрзано дишење и несвесност.
Топлински грчеви, главоболка, чувство на исцрпеност
Во случај на појава на некои од симптомите кои се јавуваат како резултат на изложеноста на висока топлина, потребно е да се држите подалеку од сончевите зраци и да внесете големи количества на течност. Најдобро е да се зема обична вода, а во случај на поизразено губење на течности и електролити се препорачува солена вода или изотонични пијалоци.
Грчевите може да се намалат со туширањето со млака вода и лесна масажа на заболените мускули. Иако често се непријатни, овие симптоми обично не оставаат долготрајни ефекти врз телото. Но, понекогаш главоболката и чувството на исцрпеност може да траат и неколку дена.
Во текот на летото честа е и појавата на сончаница.Тоа е состојба што настанува по повеќечасовно, долготрајно и директно изложување на главата на интензивни зраци. Оштетување настанува со прегревање, вазодилатација( ширење на крвните садови) и термичка повреда на мозочното ткиво. Сончаница може да добиете во летниот период, при спортување, работа на отворено или при предолга изложеност на сонце на отворено море. Поранлива група за сончаница се децата и постарите, лица што имаат поретка коса или ќелавост, лица што се под дејство на алкохол во моментот и лица чијшто организам е веќе исцрпен од постојна болест.
Внимание: сончаницата е многу сериозна состојба
Може да биде со лесни и незначителни симптоми до фатален исход. Започнува со изнемоштеност и зашеметеност, главоболка, црвена кожа, забрзан срцев пулс, зуење во уши, покачена телесна температура, гадење и повраќање кое не дава чувство на олеснување. Подоцна може да се јават и алармантни симптоми како халуцинации, вкочанетост на врат, грчеви, губење свест и кома.
Тогаш мора да побарате ургентна медицинска помош, бидејќи крајниот исход може да биде и смрт.
Лицето за кое постои сомневање дека има сончаница веднаш треба да се однесе во поладна и затемнета просторија, во полулежечка положба и да му се помогне да се олади со лесно полевање со вода (водата не смее да биде ладна, туку на собна температура ) и да му дадете вода со малку сол. Во случај на губење на свесност или не му се подобрува состојбата лицето треба да се легне на страна и е да се побара лекарска помош. Температурата на телото треба постојано да се контролира, а ладењето може да се прекине само кога температурата на телото паѓа под 38°C.
Период после сончаница
После сончаницата обично може да се очекува главоболка која може да трае со денови, чувствителност на звуци и визуелни дразби, тинитус и раздразливост. На лицето треба да му се дадат ладни пијалоци и да му се забранат пијалоци кои влијаат на крвниот притисок и протокот на крв, како на пример кафе и алкохол и исто така мора да одмaра во затемнета, ладна и мирна просторија.