Безбедни на сонце: Заштитен фактор за здрава и убава кожа

Untitled design (35)

Производите за заштита од сонце содржат SPF (фактор за заштита од сонце), кој ја штити кожата од сончево зрачење. Сонцето емитува два вида на зрачење: UVA и UVB.

UV-зраци се невидливи светлосни бранови што ги емитира сонцето, односно не се видливи со голо око за луѓето, а се присутни во сончевите зраци. При долгорочното или хроничното изложување (хоби, професија или интензивно сончање) доведуваат до нарушување на интегритетот на создавање еластин и колаген на кожата.

UVA-зраците имаат долга бранова должина и продираат подлабоко во средниот дел на кожата (дермис). Овие зраци влијаат врз ДНК на клетките предизвикувајќи нивно оштетување, и како последица имаме тоа што никој не го посакува: предвремено стареење (фотостареење), дамки, дури и многу сериозни болести како што е рак на кожата. Додека UVB-зраците се одговорни за акутните промени на кожата бидејќи дејствуваат во најгорниот слој на кожата (епидермис). Предизвикуваат промени кои настануваат многу брзо, и тоа веднаш видливи, како што е: црвенило, изгореници, алергии, предвремено стареење, и се разбира при хронично изложување имаме оштетување и појава на карцином на кожата.

 Со секое изложување на сонце, ние сме изложени на штетно зрачење, а долгорочното изложување може да има штетни ефекти врз кожата.

Дејство и времетраење на SPF врз кожата

Треба да се нанесе најмалку половина час пред да бидеме изложени на сончевите зраци. Средствата треба да се реаплицираат во временско растојание од околу 2 часа, а не да се нанесат само еднаш дневно, се разбира, зависно од тоа колку време ќе се експонирате на сонце. За најдобра заштита, се препорачуваат да се користат кремови со минимум SPF 15. Во зависност од фототип на кожата, годишното време, или колку време ќе биде изложувањето на сонце, ќе се користи SPF 30 или SPF 50.

Форми на заштитен фактор кои ги има на пазарот:

  • Водоотпорен крем за сончање со SPF – Овој заштитен фактор е одличен за активности на отворено и продолжено изложување на сонце. Потта и водата нема значително да ја отстранат кремата од кожата, но препорачливо е повторно да се нанесе заштитниот слој од кремот после неколку часа.
  • Спреј со SPF – многу популарен начин за нанесување заштитен фактор, особено кај родителите со мали деца кои немаат време или забораваат да го применат. Неговата предност е практичната примена и лесниот транспорт.
  • „Broad spectrum“SPF – овој заштитен фактор го блокира и UV зрачењето – UVA и UVB. Тоа е и заштитен фактор кој се препорачува на сите да го користат бидејќи најдобро ја штити кожата.
  • Природни креми за сончање со заштитен фактор – кремите за сончање на база на минерали се природни со SPF кои најчесто се на база на маслиново масло или кокосово масло и содржат SPF 8. Сепак, бидете внимателни со минералните заштитени со заштитен фактор бидејќи тие немаат ист ефект како кремите за сончање кои содржат активни состојки.

Заштитата на кожата е од суштинско значење, како од здравствен така и од естетски аспект. Грижете се за вашата кожа, секогаш и секаде и верувајте никогаш нема да ве разочара, ќе имате поздрава и поубава кожа!