Мајчиното млеко е идеална храна за доенчињата. Безбедено е, чисто и содржи антитела кои помагаат во заштитата од многу чести детски болести. Мајчиното млеко ја обезбедува целата енергија и хранливи материи што му се потребни на доенчето за првите месеци од животот и продолжува да обезбедува до половина или повеќе од нутритивните потреби на детето во текот на втората половина од првата година и до една третина во текот на втората година од животот. Несоодветните замени (адаптираната формула) продолжува да ги поткопува напорите за подобрување на стапката и времетраењето на доењето ширум светот.
Исхраната со мајчино млеко има многу предности: лесна сварливост (дигестија), антиалергично дејство на мајчиното млеко, антиинфективна улога, доењето го штити и мајчиното здравје, доењето има извесен контрацепциски ефект.
Покрај приказните дека доењето е инстинктивно и доаѓа природно, во почетокот тоа може да биде вистински предизвик за новите мајки. Ако сте несигурни за доењето, најдобро е дома да Ве посети патронажна сестра, која ви следува како дел од здравствените услуги. Патронажните сестри се специјално обучени да ви помогнат со доење.
Следниве правила ќе ви помогнат да воспоставите правилно доење и да избегнете некои од грешките кои ги прават новите мајки:
- Пред да почнете со доењето задолжително добро измијте си ги рацете.
- Заземете удобна позиција и потпрете го `рбетниот столб.
- Наместете го бебето во скут со лицето свртено кон вас. Ставете му ја главата во пределот на лакотот на раката и со истата рака и дланка потфатете го во делот на колкот и нозете.
- Доете го Вашето бебе секогаш кога е гладно. Тоа праќа сигнал до Вашите млечни жлезди да создаваат уште млеко. На овој начин, количината на млеко се прилагодува на потребите на детето.
- Помагајте му да ја најде брадавицата со тоа што ќе ја доближите до усните и брадата (со тоа бебето го развива рефлексот на пребарување)
- Секогаш дозволете прво да ја испразни едната града: ако е скоро празна, масната содржина на млекото се зголемува. Ова млеко богато со калории му е потребно на бебето за да расти во тежина.
- Немојте нагло да го тргате бебето од градата – на тој начин може да ве повреди. Подобро е да поставите прст помеѓу крајот од устата на бебето и брадавицата на градата и на тој начин да се прекине цицањето. На овој начин Вие лесно ќе можете да го одвоите бебето од дојката.
- По доењето, држете го бебето уште малку на вашата рака и масирајте му го грбчето. На овај начин се ослободува од воздухот кој бебето не може да го проголта и тоа ке подригне.
- По доењето, оставете ја брадавицата од дојката да се исуши на воздух неколку минути. Остатоците од млекото кое ќе се исуши на брадавицата содржат супстанции кои спречуваат појава на инфекции на градите.
Составот на мајчиното млеко во целост ги задоволува потребите на Вашето бебе. Како бебето расте така и составот на мајчиното млеко се менува, дури и промените се во согласност со текот на доењето. Мајчиното млеко е најлесно сварлива храна и затоа е најдобра за Вашето бебе. Добро балансираната исхрана е исклучително важна за Вас како мајка доилка.Пред се, важно е исхраната, не ги заборавајте омега-3 масните киселини, свежото овошје и зеленчук треба да бидат во центарот на вашата исхрана. Млекото исто така треба да биде вклучено во вашето секојдневно мени како извор на протеини и калциум.
Во почетокот, доењето може да биде на 2 часа, но времето меѓу доењата постепено ќе се зголемува се додека бебето само не си определи свој ритам на хранење. Приближно 6-7 доења во текот на денот се сосема доволни. Ова покажува дека строг план за исхрана не е неопходен.
Заклучокот е колку почесто го ставате бебето на градата, толку подобро, затоа што количеството на млеко кое се создава ќе биде во согласност со неговите потреби.
Бидете трпеливи и верувајте во себе, трудот ќе се исплати. Првите денови од доењето се предизвик. Ако и вие, како и голем број жени, во овој период се соочувате со проблеми, најверојатно многупати ќе посакувате да се откажете. Во тие моменти, верувајте во себе и дајте си време за да се прилагодите. Колку и да ви изгледа тешко денес, ќе биде полесно утре. Кога еднаш ќе биде воспоставено, доењето ќе се претвори во прекрасно искуство на кое ќе се сеќавате со насмевка дури и откако ќе престанете да доите. Гледајте на доењето како на специјално време кое го минувате насамо со вашето малечко. Деновите во кои го доите вашето бебе ќе поминат пред да трепнете и колку и невозможно да ви изгледа тоа во почетокот, ќе ви недостигаат. Доењето ви нуди можност да поминете бесценето време насамо со вашето бебе, истовремено поврзувајќи се на повисоко ниво.