Денес во Скопје, како и во многу други метрополи можете во есен да го почуствувате специфичниот мирис на печен костен на градските плоштади.
Костенoт има темно-црвена кафена боја и со мазна површина, а рaсте во бодликава обвивка која пука наесен кога плодот е зрел. Костените спаѓаат во групата на јаткасти плодови, но се разликуваат од оревите, бадемите и лешниците по тоа што имаат помала содржина на масти и висока содржина на скроб и најважното е дека се единствените кои содржат витамин Ц.
Костените се карактеризираат со посебна текстура и сладок, благ вкус кој е одличен за здравјето.
Познати се различни видови на костени, меѓутоа општо се делат на питоми и диви. Питомиот костен е вкусен и е вистински деликатес, дивиот костен не е за јадење, но е лековит и од него во фармацевтската индустрија се приготвуваат креми и други медицински препарати.

- Нутрициона вредност
Во однос на нутритивниот состав костените се одличен извор на витамин Ц.
Костенот содржи:
- Протеини, g: 3.4.
- Масти, g: 3.0.
- Јаглехидрати, g: 30.6
- Содржина на калории – 245 килокалории.
Покрај ова, костените во нешто помали количества содржат и од останатите витамини од Б групата, потоа витамин Е, селен, цинк, фосфор, железо итн.
Имајќи го предвид нутритивниот состав на костените можеме да заклучиме дека тие се одлични за здравјето на срцето. Одличен процент на фибер, повеќе антиоксидативни компоненти, минерали како калиум и магнезиум, витамин К, витамин Е. Калиумот делува на намалување на високиот крвен притисок, ја подобрува циркулацијата и сл. Додека магнезиумот е неопходен за регулирање на ритамот на срцето, а истражувањата покажуваат дека може да го намали и високиот крвен притисок, како и да придонесе во регулирањето на шеќерот. Фиберот од костените може да придонесе за балансирање на шеќерните нивоа во крвта. Исто така костените содржат одлични количества железо, тие можат да помогнат при анемија. Истражувањата покажуваат дека витаминот Ц може значително да помогне во подобрата апсорпција на железото во организмот.

- Костени во кујната
Гастрономската апликација оди многу подалеку од едноставно уживање во варени или печени костени. Опсегот на јадења со костени е разновиден и се протега од главни јадења до десерти. И за крај еден есенски десерт во кој се надевам ќе уживате.
Домашно пире од костени
Потребни состојки:
400 гр варени и исчистени костени
70 гр шеќер
Малку рум
10 мл екстракт од ванила
200 мл слатка павлака
50 гр суви кајсии
50 гр мелени ореви
Подготовка:
Направете редок шербет од шеќерот, потоа додадете ги румот и ванилата. Измешајте и оставете да се олади. Костените изблендирајте ги и постепено додавајте го шербетот. Оставете смесата да се олади. Изматете ја слатката павлака, а сувите кајсии исецкајте ги што поситно или измелете. Измешајте ги состојките. Пирето сервирајте го во чинии за пудинг и украсете со мелените ореви и шлагот.
Пирето од костени е толку вкусно што можете да го јадете само така, да го додавате во торти или колачи или од него да направите бомбици прелеани со чоколадо.
Наздравје!!!