За луѓето со астма, зимата може да биде најлошата сезона. Фактори кои доводедуваат до влошување на астмата во текот на зимата се студениот и сув воздух или претерано влажниот воздух, зголемениот број на респираторни инфекции, прашина и влага во затворени простори, како и загадениот воздух.
Зимата со себе носи дожд, ветер и флуктуации на воздушниот притисок, тие можат да предизвикаат напади на астма. Вдишувањето на ладен воздух, особено ако е придружен со ветер, доведува до иритација на слузницата на респираторниот тракт, предизвикувајќи кашлање и отежнато дишење.
Ризик во затворен простор
Поминувањето повеќе време во затворен простор и изложеноста на алергени може да предизвика влошување на астмата. Ако имате алергии во затворен простор, подгответе се за зимата со преземање на некои проактивни чекори, како на пример користење на филтри во вашиот дом за да ги намалите алергените.

Престојот во затворен простор не изложува сите нас на голем број вируси и бактерии, што е особено видливо оваа сезона кога речиси и да не мора никаде да носиме маски.
Загадување на воздухот
Загадениот надворешен воздух може да биде главен фактор за влошување на астмата. Изложеноста на загаден воздух на рана возраст придонесува за развој на астма во детството и адолесценцијата, особено после 4-годишна возраст со тоа што влијае на развојот на белите дробови и имунолошкиот систем.
Поради поголемата употреба на автомобили и фосилни горива во текот на зимата, може да ги зголеми шансите за развој на астма кај возрасните и децата.
Неколку совети како да го избегнете загадениот воздух:
- Живејте на растојание од повеќе од 200 метри од главниот пат, се разбира, ако е можно.
- Доколку е можно, избегнувајте да патувате за време на сообраќајните часови. Кога возите, придржувајте се до споредните патишта.
- Прозорците на автомобилот да бидат затворени додека возите, особено ако сте заглавени во сообраќај.
- Ограничете го времето поминато на отворено кога квалитетот на воздухот е слаб. Проверете ги локалните прогнози за квалитетот на воздухот.
- Избегнувајте физичка активност на отворено.
План за контрола на симптомите на астма во текот на зимата
- Пијте многу вода и чај без кофеин за да останете хидрирани.
- Не двоумете се да носите маски на отворено, тие ве штитат од студ и од вируси и бактерии.
- Често мијте ги рацете со сапун и вода за да го намалите ризикот од респираторни заболувања како настинка и грип.
- Облечете се топло кога излегувате. Чувајте шал, ракавици и дополнителна јакна во автомобилот за секој случај.
- Дишете низ нос кога сте надвор. Вашите носни празнини го загреваат воздухот пред да влезе во вашите бели дробови.
- Носете ги лековите за астма со вас насекаде.
- Најдете алтернативни начини за вежбање ако вообичаено вежбате надвор. Погрижете се местото каде што вежбате да има добра вентилација.
- Редовно земајте ги лековите за астма и не прескокнувајте дози.
Ако знаете дека сте склони кон напади на астма во текот на зимските месеци консултирајте се со вашиот лекар.