ХОЛЕСТЕРОЛ – ШТО ТРЕБА ДА СЕ ЗНАЕ – 1 дел

Picture
  • Холестерол е тип на маст потребна за изградба на клетките и за синтетизирање на хормони
  • Холестеролот се произведува во црниот дроб, но исто така се содржи и во одредена храна
  • Постојат различни типови на холестерол – вклучувајќи ги ЛДЛ и ХДЛ холестерол
  • Со покачување на ЛДЛ – „лошиот“ холестерол се зголемува ризикот за срцев и мозочен удар
  • Холестеролот може да се намали преку промена на животните навики и со користење на лекови

Што е холестерол?

Холестеролот е тип на маст која е потребна на организмот за изградба на клетките и се користи при синтеза на хормони. Црниот дроб создава холестерол, но холестеролот се содржи и во одредена храна, па може и преку храната да се внесе во организмот. Постојат повеќе различни типови на холестерол, а именувани се во зависност од протеините кои ги транспортираат низ крвта.

Најклучни типови на холестерол се:

  • ЛДЛ холестерол (low-density lipoprotein cholesterol) – познат како „лош“ холестерол
  • ХДЛ олестерол (high-density lipoprotein cholesterol) – познат како „добар“ холестерол

Покачување на нивото на холестерол е често заболување помеѓу луѓето. Со тек на време, високото ниво на „лош“ холестерол предизвикува таложење на ѕидовите на крвните садови и креирање на така наречени плаќи, кои го отежнуваат протокот на крвта. Со тоа се зголемува ризикот за срцев удар и мозочен инфаркт. Менувањето на животите навики и употреба на лекови може да го намалат нивото на холестерол.

Како да знам дали имам висок холестерол?

Многу пациенти не знаат дека имаат покачени нивоа на холестерол, бидејќи не постојат симптоми кои ја манифестираат таа состојба. Нивото на холестерол може да се утврди само со тест на крвта. Некои пациенти имаат состојба која се нарекува фамилијарна хиперхолестеролемија, каде предиспозицијата за покачен холестерол е наследна. Скоро 1 на секои 500 пациенти се носители на предиспозиција за фамилијарна хиперхолестеролемија, но многу пациенти не се ни свесни дека ја имаат. Ако имате фамилијарна предиспозиција или појава на срцева болест на млади години, голема е веројатноста дека сте во ризичната група на пациенти, па препорачливо е редовно да се следат параметрите и да се грижите за своето здравје.

Како се мери холестеролот?

Нивото на холестерол се одредува преку анализа на крвта и изработка на липиден профил. Со овој тест се одредува вкупниот холестерол, ХДЛ, ЛДЛ и триглицеридите. Препорачливо е 10 часа пред да се направи анализата, да не се внесува храна богата со масти и од течности да се конзумира само вода.

Колку често треба да се следи нивото на холестерол?

Возрасните пациенти треба да го проверуваат нивото на масти, најмалку на секои 5 години, започнувајќи од 45 години па нагоре. Во зависност од ризик факторите, како и наследната предизпозиција, овие тестирања треба да се започнат и на помлада возраст кај пациенти кои спаѓаат во ризичната група. Заедно со лидиниот статус, препорачливо е да се прави проверка на крвен притисок и нивото на шеќер, па заедно со овие параметри може да се процени ризикот за срцев или мозочен удар во наредните 5 години.

Кои ризици се поврзуваат со висок холестерол?

Висок ЛДЛ во крвта го зголемува ризикот за заболување на срцето и крвните садови (кардиоваскуларна болест). Покачените нивоа на ЛДЛ холестерол водат кон формирање на плаќи во артериските ѕидови, а со тек на време овие плаќи го стеснуваат протокот на крвта и ги окрутуваат артериите предизвикувајќи атеросклероза.

Намалениот проток на крв и атеросклерозата може подоцнада бидат причина за појава на:

  • Ангина – кога плаќите се појавуваат на главните артерии кои го снабдуваат срцето (коронарните артерии), тие се стеснуваат и запушуваат, што води кон намален проток на крв и кислород во срцето. Ова може да доведе до појава на симптоми, како што се недостаток на здив и градна болка.
  • Срцев удар – ако плаќата која се формирала во артеријата се откачи од артерискиот ѕид, може да се формира тромб, кој може да го прекине снабдувањето на срцето со крв и недостаток на кислород за срцевиот мускул.
  • Мозочен Удар (Излив) – ако крвните садови кои го снабдуваат мозокот со крв станат многу стеснати, снабдувањето на мозокот со крв ќе биде отежнато, што може да предизвика мозочен удар. Удар може да биде предизвикан и ако тромб од друг дел од телото се откачи и патувајќи низ крвта стигне до артериите во мозокот и предизвика запушување.
  • Периферна васкуларна болест – ова заболување вообичаено ги зафаќа артериите кои ги снабдуваат нозете и стапалата, предизвикувајќи болки во движење, па дури и болки во мирување, кога циркулацијата е намалена.

Високо ниво на ХДЛ холестерол е добро, бидејќи ХДЛ помага да се отстранат другите форми на холестерол од крвта. Подоцна овие штетни форми на холестерол во црниот дроб се разградуваат и се отстрануваат од телото.