Светскиот ден на населението, кој се обидува да го насочи вниманието на итноста и важноста на прашањата за населението, беше воспоставен од тогашниот Управен совет на Програмата за развој на Обединетите нации во 1989 година, како резултат на интересот генериран од Денот на пет милијарди, кој беше одбележан на 11 јули 1987 година. Со резолуцијата 45/216 од декември 1990 година, Генералното собрание на Обединетите нации одлучи да продолжи да го одбележува Светскиот ден на населението за да ја зголеми свеста за прашањата на населението, вклучувајќи ги и нивните односи со животната средина и развојот. Денот првпат беше одбележан на 11 јули 1990 година во повеќе од 90 земји. Оттогаш, голем број на организации и институции го одбележуваат Светскиот ден на населението, во партнерство со владите и граѓанското општество.
Достигнувањето на бројот на население од осум милијарди е нумерички значајно, но нашиот фокус секогаш мора да биде на луѓето. Во светот што се стремиме да го изградиме, 8 милијарди луѓе значат 8 милијарди можности да живеат достоинствен и исполнет живот.
Антонио Гутиереш – Генерален Секретар на Обединетите Нации (UN)

Трендови на менување на бројот на светско население
Беа потребни стотици илјади години за светската популација да порасне на 1 милијарда – потоа за само 200 години, таа се зголеми седум пати. Во 2011 година, глобалното население достигна граница од 7 милијарди, таа изнесува речиси 7,9 милијарди во 2021 година, а се очекува да порасне на околу 8,5 милијарди во 2030 година, 9,7 милијарди во 2050 година и 10,9 милијарди во 2100 година.
Овој драматичен раст во голема мера е поттикнат од зголемениот број на луѓе кои преживуваат до репродуктивна возраст и е придружен со големи промени во стапките на фертилитет, зголемување на урбанизацијата и забрзување на миграцијата.
